Сега е време да се продолжи по вистинскиот пат, затоа што ја имаме одговорноста пред граѓаните. Разликата е меѓу изолација и интеграција во ЕУ. Пред нас е историска шанса да го продолжиме европскиот пат на земјата. Нашата рака за дијалог останува подадена, порача денеска лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на трибината „МК во ЕУ до 2030“, резултати што прават разлика“, што во организација на Комисијата за надворешни работи и евроинтеграции на СДСМ,  се одржа во Куманово.

Ковачевски повика на единство, потенцирајќи дека одговорноста е на сите политички чинители и дека не е време на популистичка реторика.

-Граѓаните сакаат да живеат во ЕУ и ние треба одлуката да ја донесеме заради граѓаните, интересот на земјата, народот мора да го стави на прво место, рече Ковачевски.

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ досега немаат поддржано ниту една стратешка одлука.

-Не може да си дозволи една партија да не биде дел од ниту еден државнички процес, да не поддржи ниту една одлука важна за иднината на државата. Заедно треба да застанеме, рамо до рамо, и заедно да го браниме државниот интерес, рече Ковачевски.

Посочи дека кога се размислува визионерски и државнички, полека но, сигурно се остваруваат целите.

-30 години не се многу во историска смисла, но кога ќе се седне да се налиста, постигнато е многу, особено кога се влади предводени од СДСМ во прашање,рече Ковачевски.

Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека целта е побрзо да стигнеме до таму каде што се денес Чешка, Словачка, Романија, Бугарија и Хрватска.

-Ако денес преку ИПА помош добиваме во просек сто милиони евра годишно, ако добиваме проекти кои се во висина од околу сто милиони евра сега, ние се бориме за кога ќе станеме членка да добиваме толку колку што добиваат сега членките на ЕУ. Тогаш би добивале една милијарда годишно, додаде Маричиќ на денешната трибина.

Како што рече, само треба со мудри одлуки да ги тргнеме сите пречки.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи и евроинтеграции на СДСМ Филип Тосевски на трибината потенцираше дека изминатите шест години е направено многу за факторизирање на државата на меѓународно поле, како рамноправен и кредибилен партнер во евроатлантската заедница на држави.

Тосевски нагласи дека на конечна реализација чека финалната историска надворешно-политичка цел – полноправното членство во Европската Унија.

-Преостанува да се спроведат уставните измени со цел по завршувањето на скринингот да се прејде во суштинско отварање на преговорите за поединечните кластери кластери и поглавја. СДСМ и оваа влада има за цел да ја внесе и ќе ја внесе Северна Македонија како полноправна членка, со свој идентитет и јазик во големото семејство на Европската Унија до 2030 година, рече Тосевски.