Веднаш по невремето кое денеска во попладневните часови го зафати Берово, локалните и централни институции ги расчистуваа наносите од кал и песок по надојдените води, информираше градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.

Во расчистувањето како што додаде беровскиот градоначалник улествувале и противпожарни единици од соседните градови.

-Вклучени веднаш беа Дирекцијата за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица Берово, ЈПКР „Услуга“ од Берово, ОВР Берово, а на помош пристигнаа ТТПЕ Делчево и доброволното друштво од Пехчево и секако и механизација од општествено одговорни компании од Берово, истакна Пекевски.

Од невремето најмногу настрада патната и инфраструктура на влезот на градот, како и неколку локални патишта. Во дел од туристичката населба Абланица населението неколку часа беше без електрична енергија, а во прекин беше и патниот сообраќај на релација Берово – Делчево и Берово – Виница поради излевање на Смојмирска Река.

Од 18:00 часот, сообраќајот на патот Берово Делчево е целосно нормализиран.