За време на мојата средба со премиерот на Албанија, Еди Рама, ќе го покренам прашањето за подобрување на лошата инфраструктура во областите населени со Бугари во Гора. Ова за БГНЕС го изјави европратеникот од ЕПП Андреј Ковачев, пренесува Трибуна.
„Утре на средбата со премиерот Еди Рама ќе го поставам прашањето за подобрување на инфраструктурата. Постои одредена можност за проект финансиран од ЕУ за поврзување на косовските села од другата страна на границата со селата во кои живее бугарската заедница“, рече тој.
Ковачев беше придружуван од бугарскиот амбасадор во Тирана Ивајло Киров и конзулот Благоj Петров, кој е во постојан контакт со сонародниците во Албанија.
Бугарската заедница која живее во регионот Гора, е екстремно изолирана од остатокот од светот, бидејќи се наоѓа високо во планините без асфалтен пат. Таму живеат над 3.000 луѓе, повеќето од нив се идентификуваат како Бугари.
„ Тие очекуваат поддршка и од албанската и од бугарската држава за нивните потреби. Голем проблем е лошата инфраструктура. Бараат можности да се школуваат, како и да добијат бугарско државјанство“, објасни Ковачев, одговарајќи на прашање на БГНЕС за главните потреби на Бугарите во Гора.

Андреј Ковачев претходно се сретна со претседателот на Албанија, Бајрам Бегаj, со кого разговарал за билатералните односи со акцент на Коридорот бр.8. „Разговаравме за почеток на преговорите за прием на Албанија во ЕУ, како и за нашите билатерални односи. Ја потврдив нашата поддршка за европската интеграција на земјата. Нашите билатерални односи имаат и голем потенцијал за развој во области како што се безбедноста, економијата, инфраструктурата и туризмот. Коридорот број 8 e од особено голем интерес за целиот регион“, рече Ковачев.
Тој му се заблагодарил на претседателот за добриот однос кон Бугарите во Албанија и му ја подарил книгата на доц. д-р Спас Ташев „Бугарите во Албанија. Долгиот пат кон признавањето“.
Ташев од својата страна преку социјалната мрежа facebook изрази благодарност до сите Бугари во Бугарија и во Албанија, кои помогнале неговата книга да излезе и на албански јазик.
„Им благодарам на сите Бугари од Бугарија и Албанија кои помогнаа оваа година да се објави ова издание на албански јазик. Конечно, албанската јавност и политичарите ќе имаат можност, без посредник, да се запознаат со објективните факти околу минатото и сегашноста на Бугарите во Албанија и трајниот однос кој ги осудува Бугарите и Албанците на пријателство и покрај обидите на Белград да ги спротивстави двата народи“, пишува Ташев.