Младите се нашиот приоритет, а нивниот успех – наша цел, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Таа заедно со директорката на Европската младинска фондација на Советот на Европа, Гордана Берјан, делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Александру Албу, координаторката на Клубот на младински прашања и политики на Собранието, Моника Зајкова, координаторката на студиите по младинска работа од скопскиот Филозофски факултет, Софија Арнаудова и претседателката на грчката национална асоцијација на младински работници, Олга Кириакиду, се обратија на панелот „Перспективи за развој на младинската работа во Северна Македонија“.

Панелот беше во рамки на панел дискусијата „Младинската работа во Северна Македонија 2013-2023-2033: Ретроспектива и перспективи“. Настанот беше организиран од страна на Сојузот за младинска работа, по повод десетгодишнината од основањето на мрежата.

Тренчевска во обраќањето ги истакна можностите што ги дава Министерството за труд и социјална политика на младите, со посебен акцент на Гаранцијата за млади. Таа истакна дека во имплементирање на оваа програма, од особено значење се младинските работници.

– Изминатата година клучната улога во информирање на младите ја играа точно младинските работници, кои беа ангажирани преку коалицијата на младински организации СЕГА и Националниот младински совет на Македонија, кои со својата работа информираа над 5.000 млади за Младинската гаранција, регистрираа 2.400 млади луѓе од категоријата NEET во АВРСМ и информираа 1.141 локален бизнис за младинската гаранција, ова се големи бројки и ваквата работа означува успех, истакна Тренчевска.

Министерката посочи дека теренската работа е токму таа која носи до успех. На крајот од нејзиното обраќање, рече дека само со вистинско насочување на младите, може да се постигне исполнувањето на нивниот целосен потенцијал.