Иницијативата „Отворен Балкан“ во областа на културата започна со реализација синоќа во Белград со гала концерт на Зубин Мехта на одбележување на стогодишнината од Белградската филхармонија и во присуство на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, по што ќе следи гостување во Тирана и Скопје, јави допсиникот на МИА од Белград.

Ова е прв поголем настан во рамки на иницијативата Отворен Балкан во рамки на културата, изјави во Белград министерката Бисера Костадиновска Стојчевска.

-Културната соработка во рамките на ОБ ние трите министерки за култура на Северна Македонија, Србија и Албанија ја воспоставивме на самитот во мај минатата година и оттогаш соработката во културата е на многу високо ниво. Нашите култури иако многу различни се сепак и многу блиски, што за нас преставува појдовна точка ваквата соработка да биде на највисоко ниво, меѓу сите институции и настанот во Белград е само почеток од трите настани кои ќе се случат во Белград, Тирана и во Скопје, изјави министерката Костадиновска Стојчевска.

Иницијативата ОБ беше создадена најпрвин како платформа важна за економска соработка на трите земји, и еве вечерва таа дефинитивно се прошири и на културниот сегмент, рече српската министерка за култура, Маја Гојковиќ.

-Ова е наш прв заеднички проект, гостување на белградската филхармонија, како овдека во Белград, така и во Скопје и во Тирана. Многу брзо за неколку недели ќе имаме заедничка изложба на три ликовни уметници од нашите три држави, во Културниот центар на Србија во Париз и преку ликовната уметност ќе покажеме колку нашите култури се, помалку различни но историски и културолошки испреплетени и ќе биде интересно да се види во Париз таа различност и сличност преку нашето културно наследство, изјави министерката Гојковиќ.

Диригентот Зубин Мехта со својот успешен настап во Белград ја започна својата регионална турнеја како дел од иницијативата Отворен Балкан, а ќе ја предводи Филхармонијата на концертите во Тирана на 22 јуни и во Скопје на 24 јуни.

-Овој концерт во Белград е прв во редицата концерти во рамки на иницијативата Отворен Балкан. ОБ е изворедна идеја за поврзување на државите и народите од регионот, во сите сфери на животот, а ние се занимаваме со музика, која е универзална и која не познава граници, така да ова е еден од најдобрите начини за поврзување во областа на културата, изјави в.д директорот на Белградска филхармонија, Дарко Крстиќ.

На програмата на сите три концерти во Белград, Тирана и Скопје се Симфонијата бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен и „Фантастична симфонија“ од Хектор Берлиоз.