Претседателот на ВМРО-ДМНЕ проф д-р. Христијан Мицкоски во неговото вчерашно обраќање по повод одбележувањето на 33-от роденден на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека јавноста изминатите две недели е сведок на жестока хајка од власта со море на дезинформации и лажни етикети околу темата со уставни измени.
„Околу темата со уставни измени, изминатите две недели бевте сведоци на жестока хајка од власта, на море од дезинформации, лажни етикети. Тоа беше нервозата со која власта на ДУИ и СДС ни кажа дека е совршено јасно дека немаат план за заштита на Македонија освен да продолжат да го бараат истото она што го бара и Бугарија од нас“, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека точно знаел дека власта не сака договор и дека ќе се вплеткаат во лаги, во недостиг на храброст да се соочат со народот и она што народот го бара.
„Јас дадов два предлози за излез кои се базирани пред се на заштита на националните интереси, нашиот идентитет и јазик и кој воедно содржат и гаранции за продолжување на нашата европска иднина. После две недели, одбегнување од нивна страна да кажат кој предлог тие го одбираат, јасно е дека ја отфрлија историска шанса за иднината Македонија, одбраа да работат за себе туркајќи бугарски диктат“, кажа Мицкоски.
Тој е дециден дека темата за уставни измени за него и за ВМРО-ДПМНЕ е затворена.
„Оваа тема порачувам, оваа тема тука ја затворам со јасна порака, уставни измени под бугарски диктат нема да има ниту сега, ниту кога било во иднина и ВМРО-ДПМНЕ нема да оди против својот народ! Тоа го кажав пред година дена, не далеку одовде пред Владата на Република Македонија, тоа го кажувам и овде уставни измени додека јас сум претседател под бугарски диктат нема да има“, дециден е Мицкоски.