Косово нема да биде дел од Србија, ниту српската војска ќе влезе во Косово затоа што тоа ќе значи војна со НАТО и САД, смета поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, во интервју за Тв Шења и порталот зум.мк коментирајќи ги последните тензии во северот на Косово, каде тројца косовски граничари беа киднапирани од  српската жандармерија.

„Дали некој во Србија мисли дека може да воспостави суверенитет врз Косово? Не верувам, да бидеме реални. Во Косово има трупи на НАТО и на САД. Базата во Феризај за што служи? Тоа е сигнал! Кој рационален српски политичар би интервенирал во земја каде што гаранција за тоа се САД и НАТО“, прашува Боцевски додавајќи дека ѕвечкањето со оружје на Вучиќ е дел од политичката игра и форма на притисок врз косовскиот премиер Курти.

Боцевски верува дека решение за сегашната ситуација ВО Косово е спроведување на Вашингтонскиот договор, кој ќе доведе до признавање на Косово од Србија, што засега изгледа нереално.

„Во Косово има нова генерација на политичари. Курти не е дел од старата гарда на политичари, произлезени од косовското УЧК и Движењето на Ругова. Тој е посамоуверен , но потешко му оди со претставниците на меѓународната политика“, вели поранешниот вицепремиер.

Тој смета дека тензиите во Косово не му служат на никому и србите и косоварите мора да научат да чекорат заедно.

Според него, на меѓународниот фактор му се брза да се реши косовското прашање пред завршување на војната во Украина затоа што сака да ги затвори сите отворени прашања во Балканот и регионот да се придвижи кон ЕУ.

Зборувајќи за коментарите дека Запад врши притисок врз Косово да попушти пред српските барања затоа што сака да ја тргне Србија од влијанието на Русија, Боцевски смета дека руското влијание во Србија е преценето бидејќи земјата економски и политички е врзано со ЕУ. Р.З.