Во продолжение неговото интегрално обраќање:
„Почитувани граѓани,
Енергетските предизвици се заеднички – наши, на регионот, на Европа.
А нивното решавање бара заеднички пристап, заедничко планирање и заеднички акции. Токму затоа се обединуваме низ механизмите како што е Европската политичка заедница – сите заедно, за да постигнеме енергетска транзиција, за да обезбедиме проширување на Унијата, за да ги одбраниме европските демократии од агресиите со кои се соочуваат.
По тој повод, чест ми е што заедно со премиерот Ковачевски учествував на Самитот на шефови на држави и влади на Европска политичка заедница која што се одржа во Кишињев во Молдавија.
Пред 47 лидери, пред најширокиот европски форум ги пренесовме нашите искуства и мерки преку кои се справувавме со енергетската криза и кои нѐ позиционираа како регионален центар на зелена енергија, но и како лидери во енергетската диверзификација и трансформација.
Средбите во Кишињев за нас беа и платформа за окрупнување и засилување на поддршката која ја добиваме од цела Европа за нашите следни чекори за членство во Европската Унија.
Макрон, Шолц, Фон Дер Лајен, Мишел, Мецола, Зеленски, Рама, Вучиќ, Милатовиќ и многу други. Сите нѝ оддаваат признание за постигнатото досега и за тоа што сме пример за земја која изолацијата ја замени со напредок.
И сега, сите наши европски пријатели очекуваат од нас максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав. Заеднички е ставот на сите наши пријатели дека со тоа ќе направиме уште еден значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани.
Нашата иднина е во ЕУ, друга алтернатива немаме и нема да имаме. Ние сме во моментов на најдобриот и најбрзиот пат до она што нашиот народ го заслужува, а тоа е просперитет, благосостојба и сигурна иднина.