Министерот за здравство, Фатмир Меџити на пригодна церемонија и во присуство на првиот заменик на претседателот на Владата, Фатон Амети, дирекотр на ФЗОМ и други личности од јавниот живот го предаде во употреба целосно реконструираното детско одделение во гостиварката болница.
Тој во обраќањето напомена дека овој зафат претставува капитално вложување и дека болничката управа заедно со општествено-одговорни чинители целосно го реконструираа и опремија делот во кој се лекуваат најмладите пациенти.
Со задоволство можам да констатирам дека гостиварската болница претставува успешен пример како може да се подобрат условите за третман со заеднички заложби и на болницата и на општествено одговорни компании. Посебна благодарност изразувам за сите општествено-одговорни компании кои учествуваа во подобрување на условите за третман на децата, рече министерот Меџити.
Илбер Адеми, директорот на општата болница „Ферид Мурад“, напомена дека во изминативе педесет години ова е прво посериозно вложување за подобрување на условите во детското одделение. Пуштањето во работа, како што напомена, е избрано токму на меѓународниот ден на детето.
За опремување и уредување на просторот од 700 квадратни метри, кое започна лани вложени се над 14 милиони денари со што се обезбедени најмодерни услови за престој и лекување, рече Адеми.
Одделот за педијатрија со реконструкцијата доби целосно нови тоалети на одделот, нова електрична инсталација, под и столарија. Дополнителното опремување со немедицинска опрема: работни маси, инвентар, работни маси, нови детски кревети и климатизери го овозможија неколку компании и организации.
Министерот за здравство Меџити напомена дека се води сметка и за зајакнување на кадарот на овој оддел во гостиварската болница и како што кажа, во моментов има 3 доктори на специјализација, од кои два се враќаат за една година.
Гостиварската општа болница со околу 520 вработени пружа здравствени услуги на секундарно ниво на жителите од три општини.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.