Граѓаните стравуваат од ценовни шокови, а министерот за економија Крешник Бектеши одбегна да одговори колку е сигурен дека по денешното одмрзнување, цените на производите нема да се зголемуваат. И овој пат како и во претходните мерки тој очекува производителите да го почитуваат она што било претходно договорено односно да не се покачуваат цените.

„Да, веќе нема да важат но јас наведов и во моментот кога објавивме дека нема да ги продолжиме ако одредена компанија и ова јавно го кажувам, одреден сектор вештачки ќе се обиде да ги зголеми цените се знае дека сите институции ќе влезат во функција и тоа нема да биде дозволено. Јас сум имал разговори но повеќето од разговорите ги направиле од моите служби или мојот тим каде што тие кажале дека во спротивно за одредени производи би можело да има и намалување.“, изјави Бектеши, пренесува ТВ 21.

Мерката за замрзнати цени на основните прехранбени производи како што се лебот, млекото, месните производи, овошјето и зеленчукот од денеска веќе не важи и трговците ќе можат да ги поскапат. Бектеши и овој пат најави дека ќе има засилени инспекциски контроли.

„Никакви мерки не предвидуваме само што ќе важат сите одредби од Законот за пазарна инспекција, Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и Законот за заштита на потрошувачите, кој е целосно усогласен со директивите на Европска унија, а инспекциите мора да ги вршат контролите согласно тоа што е донесена како одлука од страна на Владата.“, рече Бектеши.

Преку соопштение со коментар се јавија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ковачевски и Груби од денес ги одмрзнуваат цените, народот со 1/3 послаби плати од пред 2 години плаќа астрономски цени за намирници. Власта не се справи со кризата, наместо реални мерки, владата прибегна кон полурешенија. Ковачевски и Груби удираат по народот, за преку него да ги полнат дупките во буџетот кои тие ги направија со штетни договори со кои се испумпуваат милиони“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи Владата ја донесе во неколку наврати, најпрво на лебот а потоа и на другите продукти. На овој потег се решија откако производителите не ја испочитуваа одлуката на власта да ги намалат цените откако добија субвенционирана струја.