Овие уставни измени јасно ќе ја диференцираат македонската политичка сцена на два блока. Едниот е проевропскиот блок кој е спремен со добри примери и практики да споделува европски вредности и да ја интегрира државата во ЕУ и еден политички блок кој ќе застане против интеграцијата на државата, изолациски, рече членот на Извршниот одбор на СДСМ и градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов вечерва во „24 анализа“ на ТВ24.

Костадинов во емисијата истакна дека на почетокот на летото очекува предлогот за уставните измени да влезат во собраниска процедура и пратениците да одлучат согласно нивните сопствени убедувања, а тоа ќе биде во интерес на иднината на граѓаните и државата.

-Ова е момент пред кој посебно ќе бидат исправени пратениците во Парламентот од сите партии и сите треба да ја знаат тежината пред сегашните и идните генерации. Не смееме да го испуштиме овој момент ако сме одговорни политичари, нагласи Костадинов, додавајќи дека нема простор за политиканство, бидејќи и сите наши стратешки партнери отворено кажуваат дека сега е шансата кога треба да ја донесеме одлуката.

Тоа не е мала и лесна одлука, тоа е компромис кој е важен за сите нас. Сега е моментот кога треба да се донесе одлука, а не да се политизира. Влегуваме во Унија во која компромисот е една од основните алатки при одлучување. Се е компромис, разговор и дијалог, рече Костадинов.

Струмица ќе стане првиот град на Балканот со целосно електрифициран јавен превоз, потенцираше Костадинов кој е и градоначалник на оваа општина.

-Завршува техничкиот дијалог и Струмица распишува јавна набавка за електрични автобуси. Благодарение на мудрите одлуки на советниците, нашиот град ќе биде прв на Балканот со целосно електрифициран јавен превоз“ изјави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов во „24 анализа“ на ТВ24.

Во врска со изградбата на коридорите 8 и 10Д, Костадинов истакна дека тоа е стратешки важен проект за граѓаните, кој гарантира многу побрза динамика и реализација на автопатиштата.

-Не гледам ништо спорно во тој договор. Не треба да осудуваме таков важен проект на пропаст уште од старт. Ако зборуваме за нешто што е стратешки важно за државаа, тоа е изградбата на автопатите. Сега имаме шанса реномирани компании, на истиот начин како што градат надвор, сега да градат и во Македонија. Ако има нешто криминално, си има институции кои се надлежни да го истражат тоа. Да не осудуваме нешто што е бенефит за граѓаните, рече членот на ИО на СДСМ Костадин Костадинов во емисијата „24 анализа“ на ТВ24.