Косовскиот премиер Албин Курти најави дека на 25 мај ќе дадат заклетва новоизбраните градоначалници на општина Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
„Нашите акции се насочени кон демократско функционирање на државните институции и обезбедување јавни услуги за сите граѓани. Ова не е избор. Тоа е наша обврска. Посветени сме на заштита на човековите права, граѓанските слободи, владеењето на правото, политичкиот плурализам, мирот и безбедноста во земјата“, рече Курти на седницата на Владата.
Претходно, на 19 мај, заклетва положи градоначалникот на Северна Митровица, Ерден Атиќ.
Во овие општини на северот на Косово живее мнозинско српско население, кое ги бојкотираше локалните избори на 23 април и не ги прифаќа резултатите, односно новите градоначалници од редовите на албанската заедница.
Излезноста на изборите во април е 3,47 отсто од вкупниот број запишани избирачи.