Скопскиот кривичен суд им изрече 30-дневен притвор на 14 осомничени како членови на криминални групи за трговија со дрога и оружје. Од Обвинителството информираат дека на еден од уапсените лица му бил одреден куќен притвор поради неговата здравствена состојба. По три лица се уште се трага, па за нив е одреден затворски притвор во отсуство. Се работи за осомничените кои вчера беа лишени од слобода по неколкумесечна истрага за нивните криминални активности.

„На 14 осомничени за трговија со дрога и оружје, кои вчера беа уапсени во акција на специјалните полициски единици, под раководство на надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, им беше одреден 30 дневен притвор“, наведоа од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Во операцијата биле осомничени вкупно 18 лица. Акцијата била фокусирана на локации во скопските населби Карпош, Кисела Вода, Ченто, Шуто Оризари, како и Арачиново.

„12 осомничени се товарат за кривично дело неовластено производство и тргување со наркотици, 5 лица за кривично дело производство, поседување, посредување и неовластено тргување со оружје или експлозив, а едно лице е обвинето за двете кривични дела“, додаваат од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Ако бидат осудени, осомничените за трговија со дрога им се заканува казна затвор од најмалку пет години, а на оние за неовластено производство, поседување и трговија со оружје им се изрекува затвор од најмалку осум години.