Министерството останува поддржувач на сите иницијативи и на сите други значителни активности во делот на заштитата на природата, истакна во Демир Капија, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
– Вклучително и оваа, прва ваква иницијатива за геопарк во државата. Се надевам дека овој процес ќе продолжи и барем додека јас сум на оваа позиција, бидете сигурни дека овој процес ќе има поддршка од Министерството, нагласи таа.
Министерката додаде дека треба да ги почитуваме ваквите денови и да ги одбележуваме, како и дека треба да има се помасовно присуство.
На средбата беше искажана иницијативата на Демир Капија, за промовирање и прогласување на првиот геопарк во земјава.
Градоначалникот Лазар Петров се осврна на значењето на овој ден и доста важниот проект за геопарк и целото наследство со коешто располага Демир Капија.
Звонимир Будимировиќ, извршен директор на бордот на „Макгеопарк“ во основање, се заблагодари на убавите зборови од министерката.
– Се додека имаме луѓе коишто се навистина сериозно посветени на својата работа, успех можеме да очекуваме и ние, на локално и на национално ниво, нагласи Будимировиќ.
Игор Ристовски, координатор на проектот „Макгеопарк”, говорејќи за геопарковите, меѓу другото, рече дека тие ги промовираат државите, а придонесуваат и кон развој на туризмот.
Настанот беше во рамките на  одбележувањето на  денот на планетата Земја, 22 април и денот на пеперутките, којшто како што беше кажано, во светот се одбележува во март, април, мај, јуни. Овие два дена во Демир Капија на агендата се многубројни активности за промоција на љубовта кон природата и здравиот начин на живот.