Претседателот на државата Стево Пендаровски ја повика Владата да направи се што е во нејзина моќ и да ги врати платите на функционерите на досегашното ниво. Според него одлуката на Уставниот суд мора да се почитува но мора да се изнајде и начин преку измена на коефициенти да не дојде до зголемување на платите за 78 проценти.

Мојот став го знаете, мене ми е криво што повеќе носители на функции не го делат тој мој став. Владата мора да направи се што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежности платите на функционерите од мене па до локална самоуправа да останат на ова ниво на кое што се сега. Со измена на коефициенти, со измена на основица поинаку не можеме да излеземе на очи пред граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситуација кога замрзнуваме цени на основни животни продукти ние си ги зголемуваме платите, вели Пендаровски.

Инаку плата според новите пресметки први добија пратениците а деновиве покачена плата ќе им легне и на сметките на другите функционери.