Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Пекинг се сретна со кинескиот претседател Си Ѓинпинг и му кажа дека „знае оти може да смета“ на Кина дека ќе ја вразуми Русија, пренесува „Гардијан“.
Макрон, кој вчера пристигна во Кина во тридневна државна посета, се ракуваше со Си во срцето на кинеската престолнина. Си го пречека својот гостин со црвен тепих, кинески и француски знамиња и националните химни, пренесува АФП.
„Руската агресија во Украина ѝ нанесе удар на стабилноста. Знам дека можам да сметам на вас да ја вратите Русија на страната на разумот и дека сите страни ќе седнат на преговарачка маса“, му рекол Макрон на Си.
За време на посетата на Пекинг, францускиот претседател рече дека Кина може да „игра важна улога“ на патот кон мирот во Украина и ја поздрави „подготвеноста и посветеноста на Кина за решавање на конфликтот“.