Македонски Железници прославува 150 години постоење. Овој голем јубилеј е проследен со низа проблеми во железницата. Составен дел од работата се проблемите, соочувањето со нив и нивното решавање. Ние одлучивме проблемите да не се ставаат под тепих и да излеземе во јавност за да се решат, а тоа најмногу за безбедноста на граѓани. Свесни сме што се случи со железничките несреќи во соседството, вели Хари Локвенец, директор на Железници Инфраструктура во СТУДИО 10 на ТВ 24.

-Обврска на секое железничко претпријатие е да врши машинско мерење на квалитетот на пругата. Тоа 10 години не беше направено кај нас. Според неофицијалните резултати засега, состојбата е многу лоша и затоа возовите возат со 20 километри на час. Но затоа веднаш почнуваме да преземаме мерки за санација на пругата. Освен пругата, мора да бидат во одлична работна кондиција и сигнализацијата, вели Локвенец.

Локвенец вели дека од штрајкот на Железници Транспорт трпи целата железница. Железничкиот сообраќај кај нас не е либерализиран, па оттука единствен корисник е Железници Транспорт, а со него се поврзани и Железници Инфраструктура и компаниите кои ја користат железницата.

-Огромни се проблемите со кои се соочуваат Железници Транспорт. Тука удел има и штрајкот во Грција кој ги намали приходите на таа државна компанија, вели Локвенец. Тој додава дека оваа Влада не го остава проблемот отворен туку отворено зборува за решавање на проблемите па дури и за приватизација.