Заедничка изјава за соработка во областа на заштитата и спроведувањето на принципите на владеење на правото, реформите во областа на граѓанското и кривичното право, борбата против корупцијата и дигитализацијата на правосудството потпишана денеска министрите за правда на Северна Македонија и Австрија, Кренар Лога и Алма Задиќ.

На работната средба Лога и Задиќ се договорија во рамките на соработката, Австрија преку свои експерти да ги пренесе своето знаење и искуство во правосудниот сектор, вклучувајќи и професионални обуки на судиите и обвинителите.

 – Дискутиравме многу работи, дека Австрија е една од земјите што најмногу нѐ поддржува во Европската Унија и денеска ние потпишуваме една заедничка изјава со која ја конкретизираме нашата понатамошна соработка во многу сфери, изјави министерот Лога по средбата.

Според министерката за правда на Австрија, Република Северна Македонија направи некои болни компромиси и отстапки.

– Ммислам дека тоа е нешто што сигурно треба да се вреднува во блиската иднина. Сега топката е на нас како држави, како ЕУ, а исто така и како Австрија, да направиме сѐ што е во наша моќ да ѝ помогнеме на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, рече таа.

Таа дополни дека една од целите на потпишувањето на изјавата е зајакнување на институциите на земјава за реформи во правосудниот систем и за севкупните капацитети кои треба да бидат зајакнати пред финалниот чекор – зачленување во ЕУ.

 – Реформите во правосудниот систем и во судството се предуслов за функционирање на државата, за зајакнување на капацитети и е нешто кое Република Северна Македонија брза да го прави, и ќе го направи, посебно во врска со корупцијата, со владеењето на правото, а тоа мора да се направи за прогрес на државата, посочи Задиќ.