Докторот Жан Митрев испрати отворено писмо до претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски во кое го изразува своето разочарување за доделената награда на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за истражувачката сторијата „Нечиста крв“.

Би сакал на почеток да ја истакнам мојата поддршка за истражувачкото новинарство што како Здружение на новинари го промовирате. Се надевам дека ќе успеете да ги одржите високите стандарди на известување во медиумите со подигнувањето на нивото на етика и одговорност на сите чинители во јавниот живот. Може да кажам дека не очекував да добие награда сторија каде вината не е докажана и каде очигледно со ваквите постапки сум осуден и пред да заврши судењето. Јас како човек сум сигурен во една работа, дека немам вина во целиот инсцениран случај и затоа се борам да ја докажам вистината и се обратив и на Вас лично да ми помогнете во таа борба. Моето барање беше едноставно, да ги заштитите вашите колеги кои се на линч од нивните колеги поради обидите да ја престават мојата страна на приказната. Тогаш се сеќавам дека ми се обративте дека треба да се објаснам со ИРЛ околу целиот случај. Јас премногу ја ценам вашата професија и сметам дека како претседател на здружението имате обврска кон вашите колеги, но секако и кон јавноста. А јавноста има право да ги знае двете страни од приказната“, вели докторот во писмото.

Потенцира дека не сака да навлегува во причините околу сторијата, каде, како што вели, прикажани се само двајца од над илјада пациенти болни од ковид.

„Не сакам да навлегувам во семејни врски, туку само побарав од Вас став дека никој новинар не смее да биде попречуван во својата намера да објави некаква информација. Најмалку тој треба да биде попречуван од свои колеги, што беше случај во минатото. Очигледно моето барање не е научна фантастика, туку е изразување на поддршка на секој новинар што сака да објави некоја сторија“, дополнува докторот.

Д-р митрев вели дека „не е човек што затвора врати“, не е конфликтен, туку емотивен.

„Јас не сум човек што е конфликтен, туку сум емотивен човек што вложил многу во Клиниката и сум основоположник на приватното здравство во Македонија. Никој од нас не е совршен, но никој од нас не треба да осудува друг. Јас знам дека во случајов немам што да кријам, затоа што не сум направил никаков криминал, никаква злоупотреба, но времето ќе покаже и тоа секогаш покажува кој бил на страната на вистината, а кој на страната на интригите“, се вели во писмото.

Истражувачката репортерска лабораторија вчера ја доби втората награда за оваа сторија, по наградата „Никола Младенов“ што минатата недела им ја додели Македонскиот институт за медиуми (МИМ).