И понатаму е нерешен статусот на 140 медицински сестри и друг медицински персонал во Здравствениот дом во Скопје. Директорот на Здравствениот дом, Бесим Кока, најавува дека по реакцијата на вработените, Министерството за финансии побарало список на вработени во домот.

„Министерството за здравство денеска побара податоци за 40 патронажни сестри за кои сметаме дека сè уште нема согласност за договори. Ги испративме сите податоци и чекаме одговор. Според информациите со кои располагаме, до Министерството за здравство стигнале согласности за договори за 67 лица, 47 согласности за привремено вработување и 9 согласности за други лица, но тие сè уште не стигнале до нас“, рече Кока.

Од Министерството за здравство не дадоа одговор до каде е процедурата. Премиерот Ковачевски пак, уверува дека наскоро ќе има решение. Тој додаде дека не е точно оти медицинскиот персонал ја напушта државата поради ниските плати и несоодветните услови за работа. Според него, Македонија има доволно здравствен кадар и наскоро ќе се реши сегашниот проблем со платите.

Вчера 140 медицински сестри и друг здравствен персонал од Здравствениот дом Скопје, се пожалија дека повеќе од два месеци работат без плата, без осигурување и без договори за работа, бидејќи не им се продолжени договорите и за нив нема согласност од Министерството за финансии. Но, од Финансии потоа одговорија дека доставиле согласност за продолжување на договорите за работниците. Постапката сега требало да ја продолжат Министерството за здравство и Здравствениот дом Скопје. Исти проблеми има и Здравствениот дом во Тетово каде голем број медицински лица работат без плати и без договори.