„Договорот за Коридорите 8 и 10Д е важен инсфраструктурен проект. Тој е значаен бидејќи предвидената динамика вели дека 110 километри автопат ќе се изградат за пет години, а од осамостојувањето во земјава се изградени автопати во должина од 186 километри, за период од 30 години“ изјави заменик-министерот за финансии, Филип Николоски во интервју за „Локално“.

Тој додава дека овој проект е дел од приоритетите за периодот 2022-2026 година насочени кон имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството,  заштитата на животната средина.

„Предвидени се 1,3 милијарди евра за реализација на овој проект, и тоа буџетски средства. Тоа се средства од кои најмалку половина ќе завршат во домашната економија, што значи придонес за забрзан економски раст и повисоки стапки на БДП, кои во наредниот период се проектирани просечно на ниво од околу 5 отсто“ рече Николоски.

Како што објасни заменик-министерот станува збор за четири нови модерни автопата во должина од 110 километри со кои ќе овозможиме ново модерно поврзување помеѓу Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и Прилеп-Битола на Коридорот 10Д.

„Заокружување на проектот и целосна изградба се очекува за пет години, а зад целиот проект стои меѓународен конзорциум со големо искуство“ рече Николоски