Расколот во ДУИ меѓу „Огнената група“ и групата „Ахметисти“ секој ден е сѐ поголем. Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, го повика лидерот на партијата Али Ахмети да не носи избрзани одлуки, туку да ја врати расправата во органите на партијата.

„Повикувам на разум и на совест и да се врати дебатата во партиските органи, со конкретни аргументи за излез од оваа настаната ситуација“, рече Меџити.

Во врска со назначувањето на Бујар Османи за политички координатор во огранокот на ДУИ во Чаир од страна на Али Ахмети, Меџити рече дека оваа постапка е недемократска и спротивна на статутот на ДУИ.

„Тоа се недемократски, нестатутарни акти, акти од кои ниту во минатото не биле од корист ниту за Албанците ниту за ДУИ, бидејќи со вакви ад-хок, избрзани, лошо осмислени одлуки имавме сериозни последици во другите ограноци на ДУИ“, додаде Меџити.

По најавите дека првиот човек на ДУИ, Али Ахмети го назначил Бујар Османии за политички координатор на огранокот Чаир, вицепремиерот Артан Груби му честиташе на Османи на социјалните мрежи, објавувајќи фотографии со него и порачувајќи дека ќе го поддржи во неговата должност.

„Покрај поддршката на претседателот, Бујари ја има и мојата поддршка во овие напори за реактивирање на структурата во Чаир по три години отсуство на партиски активности во нашиот огранок и во локалните совети во огранокот“, рече Груби.

Бујар Османи беше недостапен да коментира за неговото именување и за последните случувања во ДУИ.