Претседателот на Собранието Талат Џафери на учителите и просветните работници им го честита Денот на учителот на настава на албански јазик. – 7 Март,  датум кога е отворена првата училница на албански јазик во Корча.

Во честитката Џафери им посакува во многубројните предизвици со кои се соочуваат секој ден да бидат мотивирани од нивната „благородна професија и мисија, која е од неизмерно значење за иднината на нашите деца, за иднината на нашата земја и напредокот на светот воопшто“.

-Вашата важност за правилниот раст и развој на младите поколенија е многу поголема од тешкотиите со кои се соочуваме последниве години сите, просветните работници, учениците и родителите, но не смееме да потклекнеме, не смееме да го прекинеме ланецот на пренесување знаење. Знаењето е моторот што го води напред и човештвото и светот и таа река мора постојано да тече и да се влева во нашите деца, пишува Џафери во честитката.

Вели дека на овој ден, како и на Светскиот ден на учителот – 5 октомври, утврден од УНЕСКО, се  чествува посветеноста на просветните работници во „осветлување на патот и умот на нашите млади на кои им ја доверуваме иднината на земјата и светот“.

-Затоа, бидете живи и здрави, бидете полни со енергија и креативност во изнаоѓање најразлични начини за вашиот глас, Вашето знаење да ја постигне посакуваната цел и да ги даде посакуваните плодови, интелектуално издигнати генерации на кои ќе бидеме горди и ние како родители, и вие како просветни работници. Изразувам почит драги учители! Честит 7 Март – Денот на учителот, напиша претседателот на Собранието.