Одалеченоста од 500 метри на објект каде се приредуваат игри на среќа не е единствениот спорен член во предложените измени за Законот. Серија на ограничувања, затегната регулатива и зголемување на давачките кон државата од страна на компаниите од овој сектор се новите правила кои на мала врата се обидува да ги протне власта. Еден од предложените клучни членови на законот е дека надоместокот за издавање на лиценца за обложувалница од 105 илјади евра се зголемува на 200 илјади. А се ограничува и бројот на уплатни места и тоа со една лиценца може да се има најмногу 25 објекти. Секое следно ќе чини дополнителни 10 илјади евра. Има промена и кај автомат клубовите.

Предлог Закон за игрите на среќа:

„Се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за автомат клуб од 78 илјади 750 евра на 100 илјади евра. Оваа сума се однесува за три деловни простории и се воведува надоместок од 30 илјади евра.“

Ова се огромни суми на пари, што тешко е да се обезбедат од компаниите кои се во земјава активни во овој сектор, и на тој начин би можело да се отвори простор за влез на други компании. Најголема поддршка на овие измени на законот има од ДУИ. Но, денеска не добивме одговор од претседателот на собраниската комисија за европски прашања Арбер Адеми, зошто за овој предлог сега има толкава тишина, по реакцијата на австриската амбасада дека се злоупотребува европското знаменце кое стои во процедурата за носење на овој закон, а тоа значи по експресна постапка.

Извори за Алсат уверуваат дека главната цел на носењето на овие измени се да се отвори пат за влез на нова компанија од дејноста игри на среќа и тоа од Србија од каде најавиле дека во земјава ќе инвестираат неколку десетици милиони евра. Пред да се огласи австриската амбасада, со недели оваа тема беше една од најактуелните во медиумите и јавноста, а сега молк. Според информациите, позади дел од апарат клубовите во земјава стои австриски капитал. Тука се отвора прашањето, дали властите се толку загрижени околку негативните социјални ефекти кои ги причинува постоечкиот закон, или ова се прави само поради бизнис и провизии?!