Ноќеска (05.03.2023) во Тетово и околината полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за гранични работи и миграции, Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, Единицата за стратешко планирање, стандарди и контрола на квалитет , Единицата за службени кучиња и СВР Тетово во координација со Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Трудовиот инспекторат спроведоа акциска контрола во повеќе угостителски објекти и казина.

При контролата, во угостителски објект во с.Жеровјане, општина Боговиње, биле затекнати 13 вработени странски државјанки без соодветни документи, еден гостин странски државјанин со нерегулиран престој и две лица како обезбедување без лиценца за обезбедување.

Во угостителски објект на излезот од Тетово биле приведени И.А.(20) од Тетово и А.Б.(26) од скопско Рашче кои не поседувале документи за идентификација.
Во угостителски објект на улица „Димо Гавровски-Кара” во Тетово бил приведен 37-годишниот тетовец В.Н., кој се однесувал агресивно кон полициски службеници додека преземале службени дејствија.

Додека, во угостителски објект на улица „ЈНА” во Тетово бил приведен 26-годишниот А.З.од Тетово поради нарушување на јавниот ред и мир. Во истиот објект било затекнато и малолетно женско лице од Република Косово кое консумирало алкохол, по што му било предадено на нејзин роднина.
Против сите лица, кои направиле прекршоци, ќе бидат поднесени соодветни пријави. При контролата, исто така, од УЈП, ДПИ и ДИТ во повеќе објекти биле констатирани повеќе неправилности за што од нивна страна биле изречени соодветни санкции.