– Со пари од Министерството за транспорт и врски ќе бидат реконструирани локалните улици „Мите Богоевски“ и „Црноризец Храбар“ во општина Аеродром и локалниот пат од населените места Орешани до Зелениково во општина Зелениково.
Договорите за реконструкција се потпишани денеска на работни средби на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со грдоначалниците на Аеродром и Зелениково, Тимчо Муцунски и Коста Маневски.
Како што информира Министерството за транспорт и врски, инвестицијата за локалните улици во Аеродром е над 42 милиони денари, а за локалниот пат во Зелениково е во износ од 31,5 милиони денари. Предвидено е реконструкциите на улиците да завршат оваа година.
Министерот Бочварски истакна дека со овие инвестиции обезбедуваат огромен бенефит за граѓаните и дека поддршката е силен доказ оти тие се приоритет на Министерството.
-За реконструкција на локалните улици во општина Аеродром во оваа фаза инвестираме над 40 милиони денари, додека во општина Зелениково инвестицијата е над 30 милиони денари… Работиме посветено, реализираме квалитетни проекти за граѓаните. Особено ми е драго кога комуникацијата и соработката со локалните самоуправи е на добро ниво, бидејќи наша заедничка задача е да ги решаваме проблемите на граѓаните и да ги подобруваме условите за живеење, рече Бочварски.