За последните пет години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ минималната плата беше зголемена за 11 отсто, додека за ист период од владеењето на СДСМ најниската плата е зголемена за 44 отсто, тврди вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за ТВ Шења и порталот zoom.mk одговарајќи на тврдењето на опозицијата дека зголемувањето на минималната плата во услови на намалена продуктивност на трудот придонел за енормно зголемување на инфлацијата во земјата. Вицепремиерот Битиќи вели дека ако се пресметува годишното ниво на инфлацијата последните пет години, реалното покачување на минималната плата е за 37 отсто, или над 10 илјади денари.
„Ако поддршката на граѓаните е популистичка политика, ние и во иднина ќе продолжиме да го правиме тоа. Ако популистичка политика е да бидеме солидарни и праведни кон граѓаните, и во иднина ќе продолжиме да го правиме тоа. Инфлацијата ќе ја контролираме со умерена политика, која ќе ја контролира инфлацијата и која ќе ја подобри благосостојбата на граѓаните“, истакнува Битиќи.
Тој тврди дека владата на СДСМ не ги издава граѓаните како тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ со девет илјади минимална плата.
„Политиката на ВМРО создаде сиромаштија. Ние сме за пристојна минимална плата. 18 илјади плата сеуште не е пристојна, треба да биде повисока. Најновите податоци покажуваат дека во 2024 година минималната плата ќе биде над 23 илјади денари. Со нивните политики ВМРО можеше само да сонува за вакво зголемување на минимална плата“, смета Битиќи.
Зборувајќи за воведување на прогресивниот данок Битиќи вели дека владата на СДСМ не се откажува од таквата даночна политика, туку дека воведување на таков систем на оданочување во сегашни услови ќе направи поголема штета по стандардот на граѓаните и работењето на компаниите.
„Прогресивен данок ќе имаше ако немавме вакви кризи. Воведување на такво даночен систем сега ќе биде погрешна одлука бидејќи ќе ги погоди сите, граѓаните и бизнисот. Ние не сме се откажале од прогресивен данок, туку само е пролонгирано за друго погодно време. Во меѓувреме ќе работиме за подобрување на благосостојбата на граѓаните и условите за работа на бизнисот со цел да работи подобро и да расте побрзо“, вели Битиќи.
Р.З.