Тим Лобингер, поранешниот европски и светски шампион во скок со стап, почина на 50-годишна возраст по долго и тешко боледување. На поранешниот германски спортист му беше дијагностициран рак на крвта во 2017 година.
Една година подоцна, се веруваше дека тој ја доби оваа битка, но ракот се врати во 2020 година. Тој почина вчера во Минхен. Лобингер беше поранешен светски шампион во сала и поранешен двоен европски шампион. Тој ја освои европската бронза во 2002 година и среброто во 2006 година на отворено. По завршувањето на професионалната атлетска кариера, работеше како фитнес тренер во Лајпциг.
„Веќе нема спас за мене, мојот рак е премногу агресивен. Во февруари лекарите ми рекоа дека смртта е блиску. Треба да се договориме, да се справиме со погребот и да организираме сè. Да се збогувам со моите најблиски“, изјави Лобингер за „Билд“ пред четири месеци.
Тогаш откри дека има само 66 килограми на висина од 193 сантиметри и дека половина од минатата година ја поминал во болница.