Вечерва меѓу четврток (26.01) кон петок (27.01) новооткриен астероид опасно ќе се приближи до Земјата, јавува НАСА.
Експертите од американската вселенска агенција тврдат дека ова е најблискиот премин на небесно тело познат до денес.
Околу 2:30 часот по македонско време, астероидот би требало да дојде на 3.600 километри од Земјата. Само за споредба – Меѓународната вселенска станица се наоѓа на околу 400 километри над планетата.
Поминувањето на астероидот ќе се случи некаде на јужниот дел на Јужна Америка, а за жал љубителите на астрономијата во Македонија нема да можат да го набљудуваат овој феномен.
НАСА уверува дека нема опасност да удри во Земјата или во сателит. Астероидот е релативно мал по големина и ако се случи да се упати кон нашата планета, веројатно ќе се распадне и ќе изгори во атмосферата.
Само помали фрагменти би паднале на површината на Земјата – веројатно некаде во Аргентина, Чиле или Уругвај.