Во Белград денеска е потпишан Меморандум за разбирање меѓу агенциите за цивилно воздухополовство на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Турција.

Меморандумот предвидува јакнење на соработката во областа на цивилното воздухопловство, заеднички настап пред меѓународните организации, меѓусебно признавање на дозволите и заедничка организација на обуки за безбедноста во меѓународниот авиосообраќај.

Со потпишувањето на Меморандумот, надлежните институции ја поддржуваат иницијативата за основање на центар за обука со седиште во Белград и согласни се заеднички да делуваат во Европската комисија и Европската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај за автоматско признавање на пилотските дозволи, дозволите за одржување на авионите и дозволите за контрола на летање.

На потпишувањето на Меморандумот, како што соопшти српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура, присуствувале српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ и претседателот на Европската конференција на цивилно воздухопловство и директор на италијанското цивилно воздухопловство Алесио Кваранта.

Според Весиќ, ова е прв ваков Меморандум потпишан во Европа и тој најдобро отсликува како изгледа идејата „Отворен Балкан” во пракса.

– Овој Меморандум покажува како изгледа идејата „Отворен Балкан“. Да направиме од Балканот заедничка куќа во која секој ќе биде на своето, но на сите ќе ни биде подобро, порачал Весиќ, додавајќи дека иницијативата „Отворен Балкан“ како и повикот за регионална соработка е отворен за сите останати држави.

Посочил дека секоја соработка, особено економската, е суштински клуч за решавање на сите други политички проблеми.

– Нас не делат граници, но имаме сличен менталитет, заедничка историја и нашата иднина е во што поблиска соработка во секој сегмент, истакнал Весиќ.