Градоначалничката Данела Арсовска на прес конференција го впери прстот во Цементарницата „Титан Усје“ како една од причините за енормното загадување во Скопје. Таа најави кривична постапка против индустрискиот капацитет, затоа што не се придржувал кон прописите за заштита и унапредување на животната средина со што се предизвикува загадување на воздухот, водата и почвата во поголем обем и опасност по животот и здравјето на луѓето.
„При извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на воздухот во Скопје“, вели Арсовска. мерења биле извршени во повеќе наврати. Покажале дека и на 26 и на 27 декември минатата година и на 3 и 4 јануари годинава имало огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици во воздух. Во декември се измерени трипати повеќе ПМ 10 честички кои се испуштаат во амбиенталниот воздух, а слични резултати се добиени и при мерењето во јануари. Станува збор за испуштање на трипати поголеми концентрации од дозволените на метар кубен на час.
Инспектори на градот Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина извршија увид на работниот процес во цементарницата при што се забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава токму Министерството за животна средина.
Меѓу другото од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 мг, односно покажуваат 711 мг на метар кубен.























