Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува социјален бунт и немири поради незадоволство на граѓаните од последиците на економската и енергетската криза. Во интервју за порталот „Вечер“, Мицкоски истакна дека е подготвен да предводи протести кои би довеле до пад на Владата.
„Но, за жал ценам дека во овој момент бројките се на ниво кое не гарантира масовност, а доколку немате масовност тоа може да биде злоупотребено од оваа криминална Влада и да каже гледате нема масовност на протестите значи добро тераме и да продолжат уште полошо да прават“, вели Мицкоски.
Мицкоски повтори дека очекува во јануари на Владата да и биде изгласана недоверба и да се одржат предвремени избори напролет. Одговорајќи на прашање, тој кажа дека 2030-та година е остварлива за членство во Унијата, но дека треба јасно да се знае што се добива на патеката која води дотаму.
„Се потпишуваа договори со национални предавства за да бидат заштитени неколку политички кариери. Мојата порака е повторно јасна, а тоа е дека на секоја политичка кариера која што започнала и дошол крајот, порано или подоцна и од нив самите зависи дали тој крај ќе биде безбеден или ќе биде пеколен“, додава Мицкоски.