Непроверувањето на факти во учебници предизвикува голема финансиска и општествена штета. Пример за тоа е учебникот „Историја и општество за V одделение“, за кој медиумите обелоденија повеќе погрешни информации.
На 15.12.2022 повеќе медиумски наслови укажаа на грешка во учебникот за височината на Монт Еверест од 29.305 метри, по реакции на родители на социјални мрежи.
На 16.12.2022, Слободен Печат извести: „Во учебникот, најверојатно како техничка грешка која никој од потпишаните автори и рецензенти не ја забележал е наведено дека источен сосед на Република Северна Македонија е Албанија, а западен сосед е Бугарија. За Монт Еверест исто така најверојатно се работи за пропуст, затоа што во мерната единица стапки врвот навистина е висок 29.305 стапки, а во метри тој е висок 8.848 метри.“
На 16.12.2022, и порталот Независен посочи уште две грешки, дека „Мртвото Море на Блискиот исток е најниска точка во светот – 1.400 метри под морското ниво“ и дека „Нил, најголемата река во светот, која тече низ Африка, „се протега од Судан до Средоземното Море“.
На 16.12.2022 јавно се обратија авторките на учебникот, кои се правдаа тврдејќи дека очигледно станува збор за „технички грешки“. Истиот ден, МОН упати апел до сите автори и рецензенти, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, „да ја подигнат личната одговорност и посветеност“.
На 19.12.2022 Здружението на историчари наведе 13 крупни грешки во овој учебник, укажувајќи дека доколку се употребува, ќе нанесе непроценлива штета.
На 12.2022 професорот Минов посочи уште две други грешки во учебникот.„На страна 88 стои дека „Бразил е најголема соседна територија во САД“, иако Бразил не граничи со САД. „На стр. 86 стои дека територијата на САД се наоѓа зад Бразил и Кина со што е петта земја по големина на планетата“, иако САД има поголема територија од Бразил.