Оптимист сум дека со вакво темпо на работа, на добар пат сме, во годините што претстојат, да изградиме подеднакво и поправично општество за сите. Ова го рече Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, на денешната регионална конференција, по повод 21 декември, празник на Турците во Република Северна Македонија.
Тој појасни дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е тело за еднаквост, основано во јануари 2021 година. Рече дека за кратко време, комисијата се етаблирала како независна, професионална и ефикасна. Посочи и неколку случаи кога комисијата допринела за подобар живот на индивидуално ниво, но и за групи граѓани. Ги издвои случаите со овозможување настава за малолетничка со попреченост, изедначување на студентски стипендии, пристап до вода за неформална ромска населба.























