Во Тетово може да се организира референдум за игрите на среќа. На дебатата организирана од Движење против коцкање, каде беше и универзитетскиот професор и градоначалник на Тетово, беше речено дека се бара законска можност казината и игрите на среќа да се отстранат од градот. Првиот човек на Тетово, Биљал Касами, рече дека општината би поддржала таков референдум.
„Ние како општина ги гледаме сите обврски и надлежности што ги имаме за оваа болест, овој рак на општеството, еднаш засекогаш да замине од Тетово, дадовме секторите во општината да најдат законски можности да организираат референдум за ова прашање, директно тоа не е надлежност на општината, тоа е бизнис кој е организиран и контролиран од Министерството за финансии, но веруваме дека ќе најдеме начин да организираме референдум за ова прашање меѓу законите, со надлежност на општината како локална власт“, вели Биљал Касами, пренесува ТВ 21.
Според професорот Ќебир Авзиу, самата влада го дозволила тоа, бидејќи добар дел од буџетот се полни од казината.
„Сметаме дека дел од овие средства се одлеваат во буџетот и тоа е целта на Владата, а претпоставуваме дека тоа е, од друга страна, граѓаните на оваа држава се осиромашуваат на овој начин, па затоа е подобро парите да остануваат кај граѓаните отколку во дел во буџетот, а дел надвор од нашата држава. Идејата е овие средства да останат кај граѓаните и овие игри на среќа што поскоро да се отстранат од нашата земја“, посочи Ќебир Авзиу.
Од Движење против коцкање велат дека ваквите објекти од ден на ден се зголемуваат, додека целта е да се најде начин не само коцкањето, туку и другите вакви објекти да се отстранат од градот.
„Додека реагираме ние, бројот на коцкарници расте, па ние со професорите и панелистите ќе се обидеме да расчистиме еден нов предизвик, а тоа е сенароден референдум за сите објекти, не само коцкарниците, туку и за објекти со други пороци кои му наштетуваат на населението“, додава Џемал Абдиу.
Во Тетово има казина и обложувалници кои се наоѓаат блиску до училишните објекти. Движењето против коцкање досега неколку пати бараше нивно дислоцирање но таквиот предлог не беше земен предвид.