Советот за општи работи на Европската унија на денешната седница, како што е најавено во Брисел, ќе се обиде да постигне општ пристап за регулативата за транспарентност и таргетирање на политичкото рекламирање што е дел од подготовките за состанокот на Европскиот совет на 15 декември 2022 година. На седницата ќе треба да бидат усвоени заклучоци за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација.
Како дел од годишниот дијалог за владеење на правото, министрите ќе одржат дискусија за одредена земја. Тие ќе се фокусираат врз клучните случувања во Полска, Португалија, Романија, Словенија и Шведска. Исто така, чешкото претседателство и претстојното шведско претседателство ќе го претстават патоказот за Европскиот семестар 2023 година, а министрите ќе разменат мислења и за повратните информации на Конференцијата за иднината на Европа.