Синдикатите во Белгија повторно свикаа национален протест на 15 декември кога се одржува и редовниот ЕУ самит во Брисел.

Синдикатите кои од септември редовно демонстрираат и штрајкуваат не се задоволни од исходот на преговорите со владата за подобрување на куповната моќ на работниците.

Поради ова на 15 декември повторно ќе се соберат низ улиците на белгиските градови и посебно во главниот град Брисел.

Демонстрациите се фокусирани најмногу на високата цена на енергенсите, но и генералното поскапување на сите производи и на животниот стандард. Синдикатите бараат големи промени во белгиските закони што не овозможуваат зголемување на нормата на платите, додека владата носи мерки кои работниците ги сметаат за недоволни.

На 14 и 15 декември во Брисел се одржува и редовниот зимски состанок на шефовите на влади и држави на земјите членки на ЕУ. Поради ова е и избран датумот 15 декември, бидејќи синдикатите сакаат да испратат порака до сите лидери и институции на ЕУ за итната потреба да се ограничат цените на енергенсите.

Треба да се очекуваат големи блокади во сообраќајот на тој ден.