Премиерот Димитар Ковачевски, во присуство на директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, денеска ќе одржи прес-конференција за снабдувањето со електрична енергија на потрошувачите од прехранбената индустрија, водостопанства и училишта.
Со одлука на Владата поевтина електрична енергија треба да добијат 200 компании од прехранбениот сектор, училиштата и јавните водоводни претпријатија и пречистителни станици. Тие ќе се снабдуваат со струја преку ЕСМ со цена од 80 евра по мегават час.
-Нивото на инфлација е високо, не е високо само кај нас, туку во сите држави и е резултат на порастот на цените и на гасот, на електричната енергија и на прехранбените производи. Не само што ме загрижува, туку тоа е нешто на што деноноќно работиме со министрите. Заради тоа донесовме одлука за цена на електрична енергија која ќе биде дадена на прехранбената индустрија за основните прехранбени производи, со цел цените да се намалат за најмалку 10 проценти. Затоа се донесе одлуката тие да се снабдуваат со струја преку ЕСМ со цена од 80 евра по мегават час, изјави завчера Ковачевски во телевизско гостување.