Адмиралот Чарлс А. Ричард, шефот на стратешката команда на САД, смета дека на повидок е голем конфликт меѓу САД и Кина. Според него, војната во Украина е само „загревање за подолг конфликт со Кина што им се заканува на САД“, пишува The War Zone.
Американскиот адмирал предупредува дека САД треба да се подготват за конфликт со Кина во блиска иднина.
Ричард смета дека конфликтот може да почне со некој агресивен чин на Кина кон Тајван.
Ричард, како шеф на американската стратешка команда, е одговорен за подготвеноста и состојбата на американскиот нуклеарен арсенал.
„Ова оружје може да се активира во случај на напад или одговор на напад со нуклеарно оружје лансирано од земја или море и од воздух“, оценува тој.
Адмиралот Ричард го искажа своето мислење пред неколку дена на симпозиум, а Министерството за одбрана на САД го објави потоа.
Ричард нагласи дека предноста на Америка во вооружувањето пред Кина полека се топи.
Тој рече дека војната во Украина е загревање и дека допрва претстои големиот конфликт со Кина.
„Наскоро ќе бидеме тестирани како што не сме биле долго време. Мораме да иницираме фундаментални и брзи промени во начинот на кој САД пристапуваат кон својата одбрана“, рече тој, според „The War Zone“.
Адмиралот вели дека не е премногу охрабрен од моменталната ситуација. Кога гледа на нивото на САД во одвраќањето на заканите на Кина, тој вели дека „американскиот брод полека тоне“. „Полека, но сè уште тоне, имајќи предвид дека Кинезите ги развиваат своите воени способности побрзо од нас“, рече тој.
„Нема да биде важно колку е добар нашиот оперативен план, колку се добри нашите команданти или колку е добро оружјето. Нема да имаме доволно од нив, и тоа е нашиот прв проблем“, вели шефот на американската стратешка команда.