Еурофарм Пелистер ја забележа првата победа во новата сезона на Европската лига на ЕХФ, откако македонскиот клуб славеше со 29:27 (15:12) на гостувањето во Португалија кај Агуаш Санташ.
По домашниот пораз од данскиот Архус во првото коло, Пелистер имаше лош старт на мечот, дозволувајќи домаќините да поведат со 0:3, но потоа полека ја преземаа контролата на мечот, правејќи одлична серија за 12:9 водство по 25 минути игра.
Во второто полувреме, Пелистер имаа и шест гола предност (25:19), но дозволија португалскиот клуб да направи неизвесна завршница, доближувајќи се на гол разлика на минута пред крајот. И покрај овa, тимот на Ларс Валтер успеа да остане стабилен, а Танкоски ја потврди победата во последната секунда.
Себастијан Хенеберг со седум гола беше убедливо најефикасниот за македонскиот клуб, а Жарко Пешевски додаде пет гола./Makfax/