Александар Васоски и натаму ќе биде шеф на стручниот штаб на Академија Пандев. Тој понуди оставка по вчерашниот пораз (0-2) од Работнички на домашен терен. Сепак, раководството на клубот добро размисли и одлучи да не ја прифати неговата оставка.
Причината е јасна, Академија Пандев во моментот сигурно нема да може да најде подобро решение од Васоски за клупата на тимот.
Тој се врати во струмичкиот прволигаш откако замина Ѓорѓе Стојчев, но не успеа да победи на пет првенствени натпревари. Сепак, одлучено е да продолжи со работа и да се обиде да го извлече тимот од непријатната позиција на табелата. Академија Пандев се наоѓа на десеттото место со само осум освоени бода.