Бугарската јавност со внимателност гледа на целата ситуација. Поранешниот бугарски шеф на дипломатијата и актуелен извршен директор на „Eurofund“, Ивајло Калфин во разговор за „Локално“ за изјавата на Османи вели дека се зависи од тоа со што ќе се занимаваат клубовите во двете земји.
-Треба да се поддржат сите напори за зајакнување на комуникацијата, културните врски, толеранцијата и барањето консензус. Меѓутоа, ако целта не е спречување, туку создавање конфликти, тогаш овие клубови навистина ќе бидат бескорисни. Ќе видиме, смета Калфин.
Околу фактот дека македонскиот државен врв нема да присуствува во бугарскиот град, а најавено е доаѓање на опозицијата, Калфин вели дека тоа кажува доволно.
-Колку што разбрав, овој клуб е финансиран од канадска организација која е против ЕУ и НАТО. Најдиректен начин да се спречи Република Северна Македонија да влезе во ЕУ е преку создавање конфликти со Бугарија. Доколку клубот има намера да работи во оваа насока, тогаш ова целосно го објаснува односот на претходните и сегашните владетели во Скопје, објаснува поранешниот бугарски министер.
Според него, речиси сигурно ќе има провокации.
-Очигледно некои луѓе ќе дојдат во Благоевград токму за ова. Семејството на Никола Вапцаров веќе јасно кажа дека не сака неговото име да се користи за антибугарска пропаганда. Се надевам дека сите овие патриоти имаат понизност пред споменот на големиот поет. Се надевам дека нема да дојде до инциденти, порачува Калфин.
Од друга страна, Лазарин Лазаров од Бугарската академија на науките и член на Клубот за академски реформи во кратка изјава за „Локално“ вели дека не ги разбира протестите во Благоевград и бугарската јавност околу отворањето на македонскиот клуб.
-Не можам да ги разберам и не ги одобрувам протестите од бугарска страна дека македонскиот клуб во Благоевград ќе го носи името на Никола Вапцаров. Името на поетот не е патентирано. Како може во Софија да има улици, училишта и слично по име Шандор Петиофи, Џорџ Бајрон, Михаил Лермонтов, А.С. Пушкин и други, порача Лазаров.