Нема никакви индиции, факти или извори дека Доника Грвала-Шварц, вицемпремиерка и министер за надворешни работи на Косово, била наводно избркана „на клоци“ од состанокот со поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, кој се одржал минатата година, на 30 јули 2021, како што објавија повеќе медиуми на албански и македонски јазик. Инцидентот наводно се случил откако Грвала – Шварц се заканила на средбата дека „доколку Македонија не излезе од Отворен Балкан, ќе си има работа со неа“
Од кабинетот на поранешниот премиер, Зоран Заев денес добивме објаснување дека воопшто не станува збор за какво било бркање или напуштање на состанок, туку дека тогашниот премиер ја замолил косовската министерка да се воздржи од упатување навредливи зборови за премиерот на Албанија Рама и претседателот на Србија Вучиќ, после што министерката тоа го прифатила и состанокот продолжил во најнормален ред.
Изворот на оваа шпекулација, која не е поткрепена со ниту еден извор или факт, е албанскиот медиум, „Албаниан пост“, кој на 23 октомври објави содржина со наслов „Како беше избркана Грвала од канцеларијата на македонскиот премиер“. Во самиот текст, не се наведуваат никакви конкретни факти ниту извори за наводниот инцидент. Овој портал објави повеќе написи и цела анализа, базирани најчесто на неидентификувани извори, полни со жестоки критики но и сексистички квалификации на сметка на косовската вицепремиерка.
Оваа објава во деновите потоа беше пренесена од повеќе медиуми на македонски и албански јазик, меѓу кои и Инфомакс, кој на 24 октомври 2022 напиша содржина со наслов: „Заев ја избркал на „клоци“ косовската министерка за надворешни откако му се заканила – ова се деталите“.
Оваа шпекулација ја пренесе и влијателниот портал на албански јазик „Тетова сот“, кој на 24.10.2022 објави содржина со наслов „Доника Грвала му се закани на Заев среде Скопје: Ако не излезеш од Отворен Балкан, ќе имаш работа со нас?!“
Објавата чиј извор е „Албаниан пост“, зачинета со бркање „на клоци“, беше пренесена и во повеќе други македонски портали , кои објавија наслови и текстови со слична или идентична содржина.
Во овие содржини со речиси идентични наслови и содржина пишува:
„Поранешниот македонски премиер Зоран Заев побарал од министерката за надворешни работи на Koсово, Доника Гервала да го напушти неговиот кабинет откако таа на средбата рекла дека доколку Македонија не излезе од Отворениот Балкан, ќе си има работа со неа. Според информациите, Заев, соочен со оваа необична ситуација, побарал од Гервала да го напушти кабинетот. „Извинете госпоѓо, но ова викање е неподносливо во мојата канцеларија, од учтивост не можам да ве изнесам, инаку не можете да зборувате на овој начин и вака“, изјавил Заев“.
На тоа дека овој состанок не завршил ниту со „бркање на клоци“, ниту пак со напуштање, упатува и соопштението на Владата на Северна Македонија објавено по состанокот меѓу Грвала-Шварц и Заев, објавено на 30 јули 2021 година. На состанокот било заеднички констатирано дека односите помеѓу двете држави се добри, дека Косово е меѓу значајните трговски партнери на нашата држава, а е разговарано и за перспективите коишто се гледаат во европските интеграции.
„Споделени се информации дека граѓаните и на Северна Македонија и на Косово, во голем дел, ги поддржуваат европските перспективи и дека државите се подготвени да продолжат да се развиваат во тој правец, преку унапредување на меѓусебната соработка, постојани унапредувања во владеењето на правото, на борбата против криминалот и корупцијата и продолжувањето на реформите во сите области важни за граѓаните во секојдневното живеење. На состанокот е изразена поддршка од Косово за очекуваниот исчекор на Северна Македонија и на Албанија кон ЕУ, бидејќи, како што е констатирано, тоа е од полза за целиот регион, поради европските и демократски вредности што ги мотивира овој процес на Балканот, како и за самата Европа, којашто е целосна заедно со Западен Балкан којшто и географски е дел од неа“, се вели во соопштението на Владата објавено по средбата.
Според владиното соопштение, Заев на средбата зборувал и за придобивките од иницијативата „Отворен Балкан“, како продолжување на Берлинскиот процес, а во насока на заедничко дејствување на државите во регионот, односно поблиска и поефикасна соработка меѓу институциите во земјите, со цел олеснувања и нови можности за развојот на економиите и постигнување бенефити во квалитетот на живот на граѓаните, за што се заложуваат раководствата на сите држави. Од друга страна, за време на тогашната посета, и Грвала-Шварц има изјава за Отворен Балкан, кој според неа е „опасна идеја“, но овој став на косовската министерка, како што објавија медиумите, бил искажан по средбата со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Инаку, објавите на овие текстови на социјалните мрежи предизвикаа нов бран на препукувања и говор на омраза на меѓуетничка основа. Но, во коментарите може да се видат и реакции на дел од публиката, која во објавите препознава дезинформација или манипулација.
Извор: Ima.mk