Цената на бензините од ноќеска на полноќ се намалува за еден денар по литар, а дизелот поевтинува за 2,5 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,41 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 88 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 90,5 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 100,5 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 1,5 денари за литар и ќе изнесува 97 денари.
Со одлуката на РКЕ за 0,436 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС кој сега ќе чини 49,483 денари.
Како причина за намалувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат намалените референтни цени кај бензините во просек за 1,397 отсто, кај дизелот за 2,84, кај екстра лесното масло за 1,931 и кај мазутот за 0,422 отсто, како и за 0,574 отсто понискиот курс на денарот во однос на доларот.