Британскиот крал Чарлс денеска го назначи Риши Сунак, лидер на Конзервативната партија, за нов премиер. Сунак со тоа стана првиот британски премиер во историјата што не е белец.
Сунак дојде на местото на Лиз Трас, чиј мандат траеше 45 дена, најкраток во историјата на британската политика.
Така, Велика Британија го доби својот трет премиер оваа година, откако во 2022 година влезе со Борис Џонсон на чело на владата.
Сунак стана првиот британски премиер со азиско потекло, а позицијата шеф на владата ја презема во тешка економска ситуација.
Има 42 години, што го прави најмладиот премиер во повеќе од еден век.
Седум недели откако го загуби првиот натпревар за лидерство на Конзервативната партија оваа година, Риши Сунак успеа да победи на вториот.
По повлекувањето на Пени Мордант и поранешниот премиер Борис Џонсон, Сунак остана единствениот кандидат за функцијата нов премиер и ги доби потребните 100 гласа од партиските колеги и соодветно на тоа, победи.
Кој е Риши Сунак?
Риши Сунак беше фаворит да го наследи својот тогашен шеф Борис Џонсон на премиерската функција по неговата оставка во јули.
Поранешниот министер за финансии беше второпласиран по Лиз Трас на претходните избори за раководство на Конзервативната партија одржани минатиот месец.
За време на изборниот процес тој предупреди дека даночните планови на неговата ривалка ќе ѝ наштетат на британската економија, но не успеа да ги убеди членовите на партијата дека тој е вистинскиот човек за таа работа и загуби со 21.000 гласа.
Родителите на Сунак емигрирале во Британија од источна Африка, а обајцата се од индиско потекло.
Роден во Саутемптон, Сунак се школувал приватно, подоцна студирал на Универзитетот Оксфорд, а потоа и на Стенфорд.
Стана пратеник во 2015 година и малкумина надвор од Вестминстер имаа слушнато за него, но до февруари 2020 година веќе беше канцелар на државната каса.
Тој мораше многу брзо да почне да се справува со пандемијата на коронавирусот, трошејќи огромни суми пари на обиди да ја одржи економијата во живот за време на карантините, што ја зголеми неговата популарност.
Сепак, неговата репутација претрпе голем удар по контроверзиите околу даночните работи на неговата сопруга, а недолго потоа беше казнет поради кршење на правилата за карантин.