Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министрите Љупчо Николовски, Фатмир Бесими, Благој Бочварски е во Обединетите Арапски Емирати каде бараат инвеститори, но и фондови за евтини позајмици. Ковачевски на социјалните мрежи објави фотографии од посетата, на кои е видно насмеан и порача дека Северна Македонија е меѓу приоритетните земји за идни инвестиции.

-Северна Македонија е меѓу приоритетните земји за идни инвестиции на Обединетите Арапски Емирати. Со Џамал Саиф Ал Џарван, генерален секретар на „Меѓународниот совет на инвеститори на ОАЕ“ денес во Абу Даби, дискутиравме за светските превирања и енергетската криза која ги наруши глобалните економски текови. Во вакви кризни времиња, она што е многу битно е да не запира инвестициската активност. Интересот за инвестиции во нашата земја е фокусиран на развој и вложувања во инфраструктура, одновливи извори на енергија, како и туризам, порача Ковачевски.