ДАЛИ некогаш сте имале чудно чувство дека веќе сте доживеале нешто што всушност сте го виделе за прв пат во животот? Ако одговорот е да, тогаш сте го доживеале мистериозниот феномен на дежа ву што ги збунува научниците со децении.
На крајот на 19 век, експертите понудија некои одговори на прашањето што предизвикува дежа ву, што на француски значи „веќе видено“. Тие веруваа дека можеби станува збор за ментална болест или нарушување на меморијата, но сè се потпираше на хипотези. Дури неодамна овој феномен почна сериозно да се истражува во научна смисла.
Премин од паранормално во научно
Во раните 2000-ти, когнитивниот психолог Алан Браун одлучи да ги прегледа сите претходни анализи, истражувања или проучувања на овој мистериозен феномен.
Многу објаснувања имаа призвук на паранормалното, односно се потпираа на можни минати животни искуства или натприродни ментални способности. Но, во некои случаи се работеше и за научен пристап, студии во кои беа спроведени анкети и луѓето беа прашани за нивните искуства со дежа ву.
По прегледувањето на анкетите, Браун изјавил дека приближно две третини од луѓето го доживуваат ова необично искуство во одреден момент од нивниот живот и дека главниот поттик за дежа ву е одредено место, по што следи разговор, пишува Conversation.
Ја проучувал и медицинската литература за можната поврзаност помеѓу дежа ву и некои видови напади. Истражувањето на Браун го турна овој феномен посериозно во научната област и им послужи на другите научници да дизајнираат експерименти за истражување на дежа ву, според когнитивниот психолог Ен Клири од Државниот универзитет во Колорадо.
Научно тестирање на дежа ву
Клири и нејзините колеги, инспирирани од работата на Алан Браун, почнаа да спроведуваат експерименти со цел да ги тестираат хипотезите за можните механизми зад ова необично искуство.
Тие истражуваа речиси вековна хипотеза која вели дека дежа ву се јавува кога постои просторна сличност помеѓу моменталната средина и онаа што веќе сте ја доживеале, но не можете да се сетите.
На пример, замислете дека поминувате покрај болничко одделение при посета на болен пријател и имате чувство дека претходно сте биле тука, иако никогаш претходно не сте стапнале во таа болница. Причината за ова дежа ву може да биде сличниот распоред на околината; како што е поставување на мебел или одредени предмети во простор кој наликува на оној што сте го виделе во минатото.
Можеби ходниците имале иста боја или големина, а предметите во него биле позиционирани на сличен начин. Според споменатата хипотеза, повеќе не можете да се присетите на претходно искуство на слична средина и затоа имате силно чувство дека сте го виделе истиот коридор претходно.
Користена VR
За да ја истражат оваа теорија во лабораториски услови, експертите користеле виртуелна реалност за да ги стават субјектите во различни средини. Некои од нив имаа ист просторен распоред, иако беа различни.
Како што предвидуваа, искуството на дежа ву се случуваше почесто кога луѓето гледаа сцени со ист просторен распоред како оние што претходно ги виделе, но повеќе не се сеќаваат.
Меѓутоа, овој експеримент не докажа дека просторната сличност е единствената причина за дежа ву. Научниците веруваат дека на фактот дека некоја сцена или ситуација ни изгледаат познати, може да влијаат повеќе фактори и дека е потребно дополнително истражување.