Сега е време за поблиска соработка меѓу политичките партии, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, посочувајќи на уставните измени, реформите за ЕУ што треба да се спроведат, енергетската и економската криза. Во однос на преговорите со ЕУ, Османи смета дека лидерите на политичките партии треба да се сретнат и да си подадат рака, а опозицијата да биде одговорна за овие прашања во Собранието. Темата за ЕУ да не биде дневно политичко прашање, а одговорноста и заслугите, да бидат заеднички, вели Османи.
Тој ги повика првите луѓе на политичките партии, како што кажа, да смогнат сили и да се состанат за ова прашање. Вакво размислување, според Османи, има и во Владата.
-И тоа е пораката прво до лидерите на политичките партии, да се обидат барем за оваа тема. За оваа тема мора да си дадеме рака и да ја поделиме и одговорноста, но и заслугата утре. Никој да не може да се пофали дека направил нешто за ЕУ затоа што тоа ќе биде поделена заслуга. Опозицијата го води комитетот во Собранието, Владата во Влада, изјави Османи, одговарајќи на новинарски прашања откако завчера беше објавен Извештајот на ЕК за напредокот на земјава.
Министерот за надворешни работи смета дека темата за преговорите со ЕУ треба да биде настрана од дневната политика, посочувајќи на примерот со Хрватска.
-Ние мора тоа да го направиме, или на лидерска средба или во некаков друг формат да си подадеме рака едни на други, дека за сите теми ќе продолжиме да се натпреваруваме, дека за оваа тема мора да постигнеме консензус доколку сакаме да станеме членка на ЕУ. И нема друг начин, вели Османи.
Според него, во Хрватска клучно било оваа тема да биде надвор од дневно-политичките прашања и опозицијата и власта секогаш заеднички да најдат решенија за европскиот процес.
-Меѓутоа опозицијата била надлежна во Собранието за овие процеси, а се разбира Владата во институциите. Тој договор на тогашниот хрватски премиер и тогашниот лидер на опозицијата се смета дека било клучниот момент за Хрватска за толку години да го заврши овој процес, додаде министерот Османи.
Европската комисија, како што посочи, констатира дека Собранието не е на ниво на задачата токму поради поларизацијата и обидот за блокирање на законодавниот дом.
– Нема да навлегувам во прашањата од дневнополитички активности, во однос на законите коишто се поврзани со ЕУ, мора да седнеме и да постигнеме договор којшто ќе ги надмине рамките на еден мандат, државен договор меѓу политичките партии дека за оваа тема, независно кој е утре на власт, независно кој е во опозиција, имаме еден ист став. Нема друг начин. Само ќе вртиме во круг и ќе заглавиме, рече Османи.
Прашан за тоа дали би ја повикал Алијанса на Албанците да биде дел од Владата, Османи повтори дека не може да прејудицира какви ќе бидат конкретните соработки во следниот период, но дека времето изискува поблиска координација меѓу политичките партии. Кризата и реформите за влез во ЕУ, како што кажа, бараат поблиска соработка.
-Дали тоа ќе значи некаква формална соработка не можам да прејудицирам. Само го објаснувам контекстот дека сега е време за поблиска соработка помеѓу политичките партии, рече Османи.