Ако ги погледнете сите области во последниот Извештај на Европската комисија, Република Северна Македонија има остварено напредок во текот на минатата година и дополнително и исклучително важно е тоа што во него е нотирано дека земјата ги почна преговорите со Европската Унија, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со министерот земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски посочи дека ова е прв Извештај на ЕК во историјата на извештаите каде што опозицијата е полошо оценета од Владата.
– Тоа е поради блокадите во Собранието, а нефункционалноста не е предизвикана од Владата, туку од опозицијата. Тоа е нотирано и во самиот извештај, вели Ковачевски.
Премиерот додаде дека на последната седница во Собрание посветена на пратенички прашања, ги повикал сите политички партии и пратеници заедно и обединето да се соочат со предизвиците за полесно справување со енергетската и економска криза, како и побрз пристап кон ЕУ.
– Веќе сме во прoцес на преговори, а во тек е скринингот. Во ноември почнува и билатералниот скрининг. Целта е целиот скрининг процес да заврши до ноември следната година. Следниот Извештај на Европската Комисија сигурно ќе биде подетален, бидејќи ќе содржи дополнително и податоци од објаснувачкиот скрининг и билатералниот скрининг, појаснува премиерот.
Како што додаде, во билатералниот скрининг, преговарачкиот тим на Северна Македонија ќе презентира во кој дел и колку државата е усогласена и напредната.
– Кога тој процес ќе заврши тоа ќе биде јасен патоказ што државата треба да направи во иднина со цел да го адаптира законодавството, спроведувањето на законите усогласени со ЕУ, со цел на крајот да станеме членка на Унијата, вели Ковачевски.
Премиерот порача дека е значајно сите во општеството да бидат дел од евроинтеграциите, бидејќи како што вели тоа е процес што ќе трае најмалку осум години.
– Со оглед на нашиот капацитет како држава и јасната ориентираност кон европските интеграции и тоа што 45 проценти од законодавството е усогласено со европското законодавство, Владата ќе ги вложи сите свои капацитети, но мора и сите други чинители во општеството. Сите реформи што ќе треба да се прават на тој пат ќе бидат споделувани со Националниот комитет за европските интеграции во Собранието, чиј претседател е токму член од опозицијата, додава премиерот Ковачевски.
Тој истакна дека македонскиот народ и државата заслужуваат да станат дел од заедница на земји каде има социјална правда, економски просперитет и владеење на демократијата на највисоко ниво.