Бројот на терористите кои остануваат во Турција е под 120, изјави министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пренесе ТВ Си-Ен-Ен-Турк.
„Денеска бројот на членови на терористичките организации во Турција е намален на помалку од 120. Постепено ги расчистуваме планините од терористите. Воопшто не грижете се, изјави вчера Сојлу при посетата на градот Кутахја, западна Турција.
Тој истакна дека до 29 октомври 2023 година (кога ќе се слави 100-годишнината од формирањето на Република Турција) „во земјата нема да остане ниту еден терорист“.
Турските безбедносни сили се борат против голем број терористички групи кои се активни или биле активни на територијата на земјата, вклучувајќи ги Курдската работничка партија (ПКК), Исламската држава, Револуционерната партија и Народноослободителниот фронт (ДХКП-С. Турција се бори и против ограноците на терористичките групи кои дејствуваат на територијата на Ирак и Сирија.